Хроника Маж убиен во продавница во крушевското село Свето Митрани

Маж убиен во продавница во крушевското село Свето Митрани

Маж на возраст од 44 години бил убиен утрово во продавница во крушевското село Свето Митрани, а едно лице е приведено во врска со случајот, извести Основното јавно обвинителство – Прилеп.

Телото било пронајдено во продавница во селото, а имало две прострелни рани во градниот кош. Настанот е пријавен во крушевската полиција, а потоа увид на местото извршиле дежурен јавен обвинител и увидна екипа од прилепската полициска станица. Потоа едно осомничено лице било приведено.

Јавниот обвинител наредил земање траги од местото на настанот и правење парафинска ракавица на убиениот и на осомниченото лице, како и вештачење на пронајденото оружје и на трите пронајдени чаури. Издадена е и наредба за обдукција на телото на убиениот.