Македонија Марш на жените за 8 Март за еднакви права, плати и за...

Марш на жените за 8 Март за еднакви права, плати и за достоинствен третман

Платформата за родова еднаквост ќе организира Марш на жените на 8 Март, по повод Меѓународниот ден на жената кога се одбележува женската борба за економска, политичка и за социјална рамноправност.

Маршот ќе почне во 12 часот пред споменикот „Олимпија“ на плоштадот Филип Втори.

– Истовремено со жените низ светот, кои на овој 8 Март објавија општ женски штрајк, и ние јасно и недвосмислено порачуваме дека сакаме еднакво, солидарно и напредно општество. Ве повикуваме да марширате заедно со нас. За еднакви права, еднаква плата, достоинствен третман и за должно почитување – се вели во повикот на организаторите на „Фејсбук“.

Учесничките ќе се движат преку Камениот мост и плоштадот Македонија, па до паркот Жена-борец и ќе испратат порака дека се тука, дека се важни и дека нивниот глас ќе биде чуен.