Македонија МАНУ: Постоењето на македонскиот јазик е факт, секоја расправа е беспредметна

МАНУ: Постоењето на македонскиот јазик е факт, секоја расправа е беспредметна

Постоењето на македонскиот јазик е факт, меѓународно верификуван од светската лингвистичка наука. Оттука, секоја расправа за оваа проблематика ја сметаме за беспредметна и спротивна на духот на меѓусебната соработка на МАНУ и БАН, соопшти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Во соопштението се посочува дека Претседателството на МАНУ денеска одржа седница на која се произнесе за ставот на Бугарската академија на науките (БАН) за македонскиот јазик.

Бугарската академија на науките (БАН), водечкото тело во академската сфера во Бугарија, бурно реагираше на потегот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 3 декември годинава да усвои „Повелба за македонскиот јазик“, во којашто „ги изнесува научно признатите факти за македонскиот јазик, како и улогата на МАНУ во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик во домашни и во меѓународни рамки“.

На седницата, како што соопштува Академијата, е заклучено дека Владата треба да им даде поголемо значење и фианнсии на проектите за научно истражување на македонскиот јазик.

– Ја користиме оваа пригода да апелираме до Владата за потребата проектите за научно истражување на македонскиот јазик врз кои работи МАНУ и другите соодветни институции, во иднина да добијат приоритет и позначајна финансиска поддршка од Владата – соопшти МАНУ.