Главна секција МАНУ подготвува проглас „Што е Македонија и што треба да биде“

МАНУ подготвува проглас „Што е Македонија и што треба да биде“

Во Македонската акедемија на науките и на уметностите (МАНУ) во моментов се подготвува текст, со кој Академијата би се појавила во овој клучен момент и во кој би се дала „некоја контура за тоа што е Македонија и што треба да биде“. Академик Митко Маџунков вели дека „кога државата е во прашање, како што сега гледаме дека е, тогаш навистина мора да се реагира“.

Маџунков ова го изјави на телевизијата „Нова“, на прашањето зошто МАНУ не е поактивна и често избегнува да реагира.

– МАНУ е една сериозна и традиционална организација која не може така да реагира. Меѓутоа, кога ќе дојде до заострување, како кога државата е во прашање, како што сега гледаме дека е, тогаш навистина мора да се реагира и јас мислам дека во МАНУ сега моментално се дискутира за еден текст, ајде, да го наречеме, некое „начртание“, кое ќе даде некоја контура за тоа што е Македонија и што треба да биде – вели Манџуков.

Академик Катица Ќулавкова за детали за ова нè упати на надлежните служби и раководството на МАНУ. Таа вели дека Академијата наскоро свечено ќе одбележи 50 години постоње, па во тој контекст ќе бидат промовирани повеќе публикации и документи и не ја исклучува можноста таков „проглас“ да е дел од таа серија.

Митко Маџунков е член на Друштвото на писателите на Македонија, а исто така, тој е член на Друштвото на независни писатели. Во 2003 година бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав, а во 2007 постанал редовен член на МАНУ. Тој е раководител на проектот за изработка на „Македонската енциклопедија“, кој последниве години е во мирување.