Македонија Манчевски: Обезбедуваме услови да бидеме место за развој на нови ИК технологии...

Манчевски: Обезбедуваме услови да бидеме место за развој на нови ИК технологии  

Дигиталната трансформација не е лесна, тоа всушност е доста скап потфат. За да се оствари потребни се инвестиции во инфраструктурата, но и во човечките ресурси.

Ова денеска го истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на настан во организација на „МарНет“.

– Многу ми е мило што гледам дека еден од столбовите на новата стратегија на ЕУ  е дигитализацијата. Агендата на комесарката Габриел е тесно поврзана со политиките на шесте економии Западен Балкан и заеднички се трудиме да ги подобриме животните стандарди на нашите граѓани – истакна Манчевски.

Зборувајќи за проектите на кои во моментов работи МИОА, Манчевски се осврна на Технолошкиот парк, којшто до крајот на оваа година треба да биде пуштен во употреба.

– Технолошкиот парк е мерка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија како еден од трите столба на Планот за економски раст на Македонија. Останатите два столба се однесуваат на мерки за финансиска поддршка за нови гринфилд и браунфилд инвестиции, создавање на нови и подобри работни места, технолошки развој и истражување, како и подобрување на деловната соработка и неповратната поддршка за компаниите. Овие два столба ќе се имплементираат преку новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите – информираше Манчевски.