Дигитални права Манчевски: На електронскиот портал се регистрирани 9.000 граѓани и секојдневно користат 128...

Манчевски: На електронскиот портал се регистрирани 9.000 граѓани и секојдневно користат 128 услуги

По само два месеци од пуштањето на употреба на порталот за електронски услуги uslugi.gov.mk, речиси 9.000 граѓани се регистрирани и секојдневно користат, 128 електронски услуги, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната прес-конференција посветена на проектите реализирани од 2017 година до денес, во насока на дигитална трансформација на нашата држава.

„Дополнително, на порталот во Каталогот на услуги веќе се достапни сите информации за добивање на 744 услуги. На овој начин, ги заменуваме шалтерите со услуги што се добиваат електронски, а Каталогот претставува единствен извор на податоци за тоа како, во кој рок, во која процедура се добива секоја од овие 744 услуги,“ додаде Манчевски.

Дополнително, тој се осврна и на новото решение на „Мастеркард“ за дигитално потпишување, кое се имплементира во Македонија, како прва држава во светот, каде ќе се развие ова решение.

На овој начин се овозможува имплементација на решение со кое се олеснува докажувањето на идентитетот на граѓаните при користење за приватните или јавните електронски услуги.

Предвидени се 5 бесплатни потпишувања за првите 150.000 корисници на е-владини услуги во текот на првите 12 месеци. За реализација на ова „Мастеркард“ одвојува три милиони евра.