Свет Малиот Ајлан Курди и семејството погребани во Кобане

Малиот Ајлан Курди и семејството погребани во Кобане

Двете сириски момчиња, тригодишниот Ајлан и петгодишниот Галип Курди, и нивната мајка, Рехам, кои се удавија при обид да стигнат до Грција, денеска се погребани во сирискиот град Кобене, соопштија очевидци.

Фотографијата од телото на тригодишниот Ајлан Курди, кое водата го исфрли на турскиот брег, е објавена во медиумите ширум светот и предизвика сочувство и бес поради недоволното залагање на развиените држави да им помогнат на бегалците.

Нивниот татко Абдулах Курди плачел додека телата биле спуштани едно до друго на „церемонија за маченици“ во Кобане, град во близина на границата со Турција и населен претежно со Курди.

Таткото на починатите деца изрази надеж дека смртта на неговото семејство ќе ги охрабри арапските држави да им помогнат на сириските бегалци.

– Сакам арапските земји, не европските, да погледаат што им се случи на моите деца и поради нив да им помогнат на луѓето – рече Курди во изјава за локалната радиостаница.