Дописници Максим Венгеров: Св.Софија поседува магична енергија

Максим Венгеров: Св.Софија поседува магична енергија

Mаестро Максим Венгеров, виолинистот со чиј концерт во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот ќе заврши музичката програма на 55-тото јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“, вели дека му е голема чест да настапи на фестивалот.

– Голема чест ми е да настапувам на фестивал каков што е Охридско лето. Би сакал да се заблагодарам на организацијата на фестивалот за поканата и за можноста нашата музика да ја споделиме со охридската публика. Пресреќен сум што првпат во животот одржувам прес конференција на толку магично и прекрасно место, опкружено со прекрасно езеро – вели Венгеров.

Овој врвен виолинист ќе настапи во пијано придружба на ерменскиот уметник Ваг Папијан.

– Ќе почнеме со Бах, преку Прокофиев, Франк, Исаи и Паганини. Задоволство ми е да настапувам со маестро Папиан, кој исто така е и одличен диригент и беше мојот прв професор по диригирање. Се надевам дека публиката во Охрид ќе ужива во концертот и со нетрпение ја очекуваме оваа вечер – додаде Венгеров.

Венгеров, инаку добитник на Греми награда, има настапувано низ целиот свет заедно со најпрестижните оркестри и диригенти, со одржани соло рецитали на виолина во речиси сите познати светски музички центри, но вели, дека е почестен што учествува на фестивалот „Охридско лето“. За акустичноста на црквата каде што ќе настапи вели дека слушнал од многу уметници од светски ранг кои настапувале на „Охридско лето“.

– Од многу уметници имам слушнато за Охридско лето и прекрасната, магична енергија, посебно во црквата Св. Софија. Како музичар и амбасадор на културата, патувајќи насекаде низ светот, можам да видам што е направено во последната декада. Во оваа прекрасна држава, Република Македонија, чувањето на културните вредности, традицијата и прекрасните реставрации на зградите како Оперската куќа и Филхармонија, се показател за тоа дека општеството и владата се грижат за културата во државата – рече Венгеров на денешната прес конференција.