Македонија Македонските градоначалници премногу зафатени за да ги слушнат препораките на европските делегати

Македонските градоначалници премногу зафатени за да ги слушнат препораките на европските делегати

Единаесет делегати од ЕУ денеска присуствувале на седницата на европскиот Комитет за региони, а од скопските градоначалници само Арсовска и Беџети останале до крајот за да ги чујат нивните препораки

Фото: Мета.мк

Единаесет делегати од ЕУ денеска во Скопје присуствуваа на седницата на европскиот Комитет за региони, а скопските градоначалници не беа доволно заинтересирани за она што тие имаа да го кажат.

Делегатите испратиле силни пораки за улогата на локалните власти, како и препораки за решавање на проблемот со источниот сосед, но за жал, пораките немало кој да ги слушне.

Како што пренесува Независен.мк, од македонска страна не дошле голем број од  градоначалниците, а до крај останале само двајца – градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и градоначалникот на Сарај Блерим Беџети. Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски дошол, но си заминал порано поради обврски. Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов го исчитал својот говор, но заминал поради други обврски, исто како и претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.

Тие биле присутни на воведните излагања, од 09.30 до 10 часот, а потоа, до 12.45 веќе сите, освен Арсовска и Беџети, си заминале.

Инаку, членови на овој комитет се 11 општини, па така разговорите течеле помеѓу присутните европски делегати, нешто што било нотирано и од страна на копретседавачот Јасна Габриќ, која на прес-конференцијата по состанокот прашала:

„Она што е важно за мене денеска е дека слушнав многу добри говори, но јас ги слушнав, јас сум веќе во ЕУ, мојот колега од Хрватска е веќе во ЕУ, моите колеги од Естонија, од Унгарија, од Грција, кои седеа овде се веќе во ЕУ, оној кој треба да ги слушне добрите практики сте вие, вие треба да воведете некои промени. А фактот што овој состанок се случува овде во Скопје, ние дојдовме во Скопје да се сретнеме со пријателите, да кажеме, да им дадеме совети, за тоа што направивме ние за да влеземе во ЕУ. Ви даваме надеж и ви пружаме рака, па прифатете ја! Ние сме овде на состанок, а колешката до мене беше единствената од градоначалниците…“.

Инаку, ова тело одржува најмногу два состанока во текот на една година, од кои едниот во Брисел, а другиот во Скопје, а со него заседаваат двајца копретседавачи.

Актуелен копретседавач од нашата земја е Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, а од страна на Комитетот на регионите е Јасна Габриќ, член на Советот на Општина Трбовље (Словенија).

ЗКК е воспоставен уште во 2008 година, со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власти, наведува ЗЕЛС.