Главна секција Македонските граѓани уриваат рекорди во создавање отпад

Македонските граѓани уриваат рекорди во создавање отпад

Фото: Арбнора Мемети

Вкупното количество на создаден комунален отпад во нашата земја во минатата година изнесувал 915.943 тони, од кои собрани биле 632.484 тони, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Пресметката покажува дека лани 283.459 тони отпад не бил собран односно завршил на диви депонии, што е логичен резултат ако се земе предвид дека 22 отсто од вкупното население не користи комунални услуги за собирање отпад.

Од Државниот завод за статистика информираат дека годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2019 година изнесува 456 килограми по жител, што е за 10,7 отсто повеќе од истото количество во 2018 година.

Податоците откриваат дека во периодот 2009-2019 година количеството на создадено отпад по жител се зголемило за 102 килограми.

Минатата година, најголемо количество на собран комунален отпад од 164.971 тон е забележано во Скопскиот регион, што е 26,1 отсто од вкупното собрано количество во земјава.

Од вкупното количество на собран комунален отпад, 522.983 тони или 83 отсто се собрани од домаќинствата, а останатите 17 отсто од правни и физички лица (комерцијален отпад).

Според видовите отпад, најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад кој изнесувал 542.664 тони или 85,8 отсто, а најмало количество отпадот од гума кој изнесувал 778 тони или 0,1 отсто од вкупното количество собран комунален отпад.