Економија Македонската винска индустрија претставена пред пратеници во Европскиот парламент

Македонската винска индустрија претставена пред пратеници во Европскиот парламент

Претставници на здружението „Вина од Македонија“ пред Комисијата за земјоделство на Европскиот парламент ги презентираа состојбите и плановите за унапредување на винската индустрија во регионот, со цел успешна интеграција во глобалната и европската економија.

– Оваа конференција беше одлична можност да се слушнат фактите за производството на вино, моменталните трендови и навиките на потрошувачите во Европската Унија. Од друга страна имавме можност да ги истакнеме потенцијалите на македонската винска индустрија, но и приоритетите во однос на унапредувањето на конкурентноста, заштитата на географското потекло и регистрацијата на географските ознаки за вино во Македонија. Ја искористивме посетата на Стразбур за да побараме поддршка од присутните европарламентарци околу користењето на името на винскиот регион Македонија и координација на сите поврзани правни и стручни аспекти околу ова прашање во наредниот период, изјави Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.

Во рамки на конференцијата беше организирана и студиска посета на вински подрачја во Франција и Германија, како и дегустација на вината од земјите учеснички од Југоисточна Европа.