Спорт Македонија елиминирана од Словенија на СП во Катар

Македонија елиминирана од Словенија на СП во Катар

Македонските ракометари загубија од репрезентацијата на Словенија со резултат 30:28 и не успеаја да се пласираат во четвртфиналето на Светското првенство во Катар.

–  Не постои ниеден сомнеж дека сакавме и дадовме сè од себе. Ова беше натпревар да се биде или не и нема шанси за поравен испит. Не треба да се срамиме, главите горе. Нè победи една квалитетна репрезентација. Многу е тешко кога се брка резултат. Тоа доведе да погодуваме стативи, пречки и да промашиме многу топки – рече капитенот Кире Лазаров, по завршување на натпреварот.

Македонската репрезентација и првото полувреме го заврши со негатива од еден гол, кога резултатот беше 16:15 за Словенија.

Како и на претходните натпревари, македонските ракометари имаа проблеми со одбраната, а се забележуваше и недостиг од свежина и од енергија. Речиси во текот на целиот натпревар, репрезентацијата на Словенија водеше со неколку гола разлика.

Најпрецизни во македонската репрезентација беа Георгиевски и Лазаров, кои постигнаа по седум гола.
Во словенечкиот тим најефикасен беше Гајиќ, со девет погодици.