Македонија Македонец уапсен во Грција за обид за шверц на дрога

Македонец уапсен во Грција за обид за шверц на дрога

Грчката полиција уапси 22-годишен Македонец за обид за шверц и за поседување дрога во Грција. Македонскиот државјанин имал во своја сопственост три торби со повеќе од 40 килограми канабис спакувани во 38 помали пакетчиња.

Уапсениот бил испитан во полицијата, а ќе биде изведен пред обвинителството во Лерин со кривично обвинение за обид за пренос и за поседување дрога во Грција и за пружање отпор при обидот за негово апсење.

Полицијата која била вклучена во акција за борба и спречување шверц на дрога го забележала момчето заедно со уште еден соработник како пеш се движат со три торби низ рурална област во близина на Лерин. Полициските служби од Лерин и полициски претставници на граничната служба од Преспа веднаш штом ги забележале презеле акција за нивно апсење. Во полициската акција било уапсено само 22-годишното момче и покрај неговото противење и обид да избега, додека неговиот соработник успеал да се скрие и да ѝ избега на полиција.

Грчката полиција сè уште трага по него, а доколку биде најден, исто како и неговиот соработник, ќе треба да одговара пред обвинител за пренос и за поседување дрога и за давање отпор при апсење.