Македонија ЛП: Станува ли Иванов соучесник во смртта на Коста Крпач?

ЛП: Станува ли Иванов соучесник во смртта на Коста Крпач?

Низ призмата на очигледното продлабочување на политичката криза, денес веќе е прашање и дали со аболицијата Ѓорге Иванов станува соучесник во смртта на Коста Крпач, велат од Либералната партија.

Според партијата, од минатиот четврток станало јасно дека со аболицијата Иванов го попречува надминувањето на политичката криза, а ја „попречува и правдата“ и работата на Специјалното јавно обвинителство.

„Ставајќи го на листата на аболирани, иако не е осомничен, Иванов сигнализирал на македонското подземје дека Крпач е барем сведок. Затоа, Либералната партија бара Иванов да одговори зошто Коста Крпач, против кого немало никаква постапка, е ставен на листата на аболирани. Според Либералната партија, овој случај и однесувањето на Иванов има цел да се попречи работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и (ин)директно да се обесхрабрат потенцијалните сведоци“, стои во соопштението на ЛП.

Оттаму велат дека со настаните поврзани со смртта на Крпач се поништени и последните шанси за одржување избори на 5 јуни, а криминализацијата во врвот на државата станува сè повидлива.

„За целата оваа состојба и за неможноста да се реши кризата, одговорноста ја носат Никола Груевски и Иванов, како и нивните соработници во тековната „техничка“ влада. Оценуваме и дека изминуваат последните часови во кои Али Ахмети може енергично да се дистанцира од целата таа група, а прв чекор за тоа е да го откаже учеството на неговата партија на изборите на 5 јуни“, велат од Либералната партија.