Економија Лозарите со новиот закон за вино првпат добиваат гарантирана цена на винското...

Лозарите со новиот закон за вино првпат добиваат гарантирана цена на винското грозје

Традиционалниот назив на виното на национално и меѓународно ниво ќе се заштитува со традиционална ознака

Фото: Архива на Мета.мк

Владата на денешната владина седница, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го прифати новиот Закон за вино.

„Како министерство имајќи предвид дека земјите членки на ЕУ се најголемиот пазар за извоз на вино од Република Северна Македонија и со цел непречено да се зголеми и олесни извозот на македонско вино и производи од вино, министерството пристапи кон донесување на нов Закон за вино, кој во целост е усогласен со одредбите на европското законодавство“, информираат од МЗШВ.

Со новиот закон за вино за првпат ќе се утврдува производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, предвидено е да ја врши високообразовна или научна институција од областа во земјоделството.

„Преку новиот закон за вино, системот на заштитата на географските индикации на виното во целост се усогласени со европското законодавство, предвидувајќи истите да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво со заштитена ознака за потекло или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното на национално и меѓународно ниво се заштитува со традиционална ознака“, информираат од Министерството.

Производството на вино со географска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој процесот ќе го верифицираат во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје, до производство на вино со географска ознака. Сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.