Култура „Лице в лице“ со ликовен конкурс за деца на тема „Мојот дом“

„Лице в лице“ со ликовен конкурс за деца на тема „Мојот дом“

Ликовен конкурс „Мојот дом“

Платформата за активизам „Лице в лице“ распиша конкурс за ликовни творби на тема „Мојот дом“. Натпреварот има цел да го промовира домувањето како основа за човековиот развој.

„Целта на оваа иницијатива е да се истакне проблемот на сиромашното домување и последиците од него во јавноста, но и да се промовираат опции за надминување на овој проблем и придобивките за поединецот, семејството и на заедницата“, се наведува во повикот за натпреварот.

Конкурсот, кој е распишан во пресрет на новиот број на уличното списание, е наменет за деца од пет до 10-годишна возраст, кои самостојно или со помош на своите родители ќе треба да изработат ликовни творби.

За најдобрите три дела од пристигнатите ќе одлучува тричлено жири, а за најуспешните мали автори ќе бидат обезбедени пофалници и награди, како и објава на страниците на новиот број на единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“.

Сите заинтересирани, своите креативни решенија, во дигитална (скенирана) верзија можат да ги испратат од 10 до 24 ноември на адресата licevlice@cma.mk.