Македонија Левица ги повика пратениците да се вразумат и да работат во интерес...

Левица ги повика пратениците да се вразумат и да работат во интерес на граѓаните

Партијата Левица денеска изрази згрозеност од однесувањето на пратениците во Собранието и ги повика да почнат да работат во интерес на граѓаните.

„Згрозени сме од несериозното однесување на народните избраници во Собранието. Левица бара од пратениците да се вразумат и конечно да почнат да работат во интерес на огромното мнозинство осиромашени и обесправени граѓани! Граѓаните очекуваат час поскоро да почувствуваат подобрување на нивната економска состојба, а наместо тоа пратениците им приредуваат политички магли и замајувања. Додека им траат одолговлекувањата, надмудрувањата и меѓусебните препирања во парламентот, граѓаните се мачат да врзат крај со крај и сè повеќе осиромашуваат“, стои во соопштението.

Според Левица, ниту неодамна објавениот „патоказ“ на ВМРО-ДПМНЕ ќе помогне за да се надмине ќор-сокакот во кој се наоѓа нашето општество, а ниту предлогот на ДУИ и на СДСМ за собраниски спикер, Талат Џафери, е во насока да добиеме функционален парламент.

„Пратеници, имајте на ум дека довербата што ви ја дадоа граѓаните на изминатите избори не е трајна! Досега со ништо не ја оправдавте! Ниту имавте доблест да ги донирате трите дебели незаработените плати, а ниту, пак, откако седнавте во собраниските фотелји, нешто сработивте во интерес на народот!“, стои во соопштението од Левица.