Македонија „Легис“: Прогласувањето кризна состојба е прерана и непотребна мерка

„Легис“: Прогласувањето кризна состојба е прерана и непотребна мерка

Прогласување на кризна состојба и распоредување на армијата на јужната и северната граница е прерана мерка за нешто што може да се постигне со подобра и поефикасна организација на властите, велат експеритете.

Јасмин Реџепи активист и хуманитарен работник од невладината организација „Легис“ вели дека владината одлука за прогласување кризна состојба поради зголемениот прилив на мигранти во државата е непотребна и претерана.

– Мислам дека оваа мерка е прерана и непотребна бидејќи до сега добро се справувавме со бројот на мигранти кој поминуваше низ државата. МВР требаше да го забрза процесот за вадење на документи на мигрантите, а македонски железници да пуштат повеќе возови, за да има на секои три часа. Така ќе се намалеше гужвата и би се решил проблемот. Мерката е претерана затоа што овие луѓе не сакаат да останат тука и до сега не останал ни еден мигрант. Оваа мерка би била нормална да се воведе доколку Србија ја затвореше границата, а вака проблемот можеше да се реши на друг начин – вели Јасмин Реџепи.

Од Црвен Крст не сакаат да ја коментираат владината мерка туку велат дека прават се што е во нивна моќ да им помогнат на мигрантите кои транзитираат низ државата.

– Воведување на кризна состојба не би го коментирала затоа што нам од Црвен Крст задача ни е да им помогнеме на мигрантите па поради ново настанатата состојба сега ќе се реорганизираме. Од вчера сме таму присутни со 30 волонтери, а од викендов ќе воведеме и трета смена. Ја следиме ситуацијата и реагираме. Можеби треба да се направи подобра организација на влезот, затоа што викендов имаше над 3.000 мигранти што е навистина премногу. Мое мислење е дека брзо ќе се надмине ова – вели Сузана Тунева Пауновска, од Црвен Крст.