Македонија ЛДП: Зврлевски потврди дека е последното упориште на режимот на Груевски

ЛДП: Зврлевски потврди дека е последното упориште на режимот на Груевски

Првиот човек на Јавното обвинителство на Македонија, Марко Зврлевски, уште еднаш потврди дека е последното упориште на режимот на Никола Груевски, велат од Либерално-демократската партија, во врска со вчерашното соопштение на Јавното обвинителство дека е отворена истрага против поранешни високи функционери на МВР и други правни и физички лица од Скопје, Куманово и од Струмица, поради изборни нерегуларности.

„Јавниот обвинител, по којзнае кој пат, длабоко заглавен во политиките на ВМРО-ДПМНЕ, се реши парцијално и еднодимензионално да води истраги за криминал, корупција и за изборни измами и тоа само во градовите Скопје, Струмица и Куманово. По овој чин, јасно е дека Зврлевски повторно бара криминал таму каде што го нема, наместо да ги гони оние за кои цела јавност знае дека местеле и лажирале избори“, се вели во реакцијата на ЛДП.

Од партијата обвинуваат дека со овој потег Зврлевски ја потврдува реалната слика на „контролираното судство и обвинителство во Македонија од страна на власта во заминување“ и „свесно или не“ истовремено ја потврдува „потребата од постоењето и продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство“.

„Само за потсетување, работата на актуелното Јавно обвинителство и во изминатиот период беше нотирано и во извештаите на Европската Унија и на ОБСЕ. Зврлевски, за жал, не ја научи лекцијата дека важноста на искрената и отворена борба против криминалот и корупцијата е еднаква на важноста на самата држава“, стои во соопштението на партијата.

Оттаму велат дека силно се залагаат за „комплетна и суштинска реформа во целиот правосуден систем, како дел од препораките на извештајот на Прибе, кој го опфаќа и Јавното обвинителство“.