Македонија ЛДП: Користењето ученици во религиозни активности е упад во секуларноста на државата

ЛДП: Користењето ученици во религиозни активности е упад во секуларноста на државата

Минатонеделниот случај во Битола, кога масовно се злоупотребија децата од неколку основни училишта во име на православната религија, во проект насловен „Децата за доброто и светлината“, на иницијатива на наставници кои факултативно го предаваат предметот етика на религијата, претставува директен упад во секуларноста на државата, велат од Либерално-демократската партија.

„Крајно недозволива е каква било религиозна активност надвор од образовните институции, каде е предвидено одвивањето на предметот етика на религиите, кој е факултативен, а не обврзен, а потоа и фаворизирање на една религија, во овој случај православното христијанство, на сметка на другите религии, кога со Устав се загарантирани слободата на вероисповест и еднаквоста на религиозната припадност. Македонија е мултиетничко и мултиконфенсионално општество и само со толеранција и со меѓусебно почитување и, пред сè, почитување на правниот систем и на Уставот на Република Македонија, може да опстанеме како граѓанско општество“, стои во соопштението на ЛДП.

Од партијата бараат да бидат санкционирани организаторите на настанот, поради ширење ксенофобија и нетолеранција и почитување на обврската предметот етика на религиите да биде само факултативен, а не задолжителен и да се одвива само во училиштата, што, според ЛДП, исто така, претставува нарушување на секуларноста на државата.