Македонија ЛДП: Иванов веднаш да си поднесе оставка

ЛДП: Иванов веднаш да си поднесе оставка

„Антидржавна и противуставна е одлуката на Ѓорге Иванов да прогласува аболиција за сите случаи поврзани со прислушуваните разговори. Со овој чин Иванов ги аболира криминалот и диктатурата на власта“, се вели во реакцијата на ЛДП.

„Актот на Иванов да ги прекине сите кривични постапки што се водат против политичарите во Република Македонија и од власта и од опозицијата, е погазување на правната држава, уривање на уставниот поредок, судството како независна власт, а со самото тоа, дава поддршка на фалсификуваните избори, корупцијата и на злоделата на врхушката на власт. Оваа одлука на Иванов де факто значи поништување на Договорот од Пржино и укинување на Специјалното јавно обвинителство“, пишува во реакцијата на ЛДП.

Претседател, според ЛДП, кој е избран на нелегитимни и лажирани избори не смееше да помисли на ваков „луксуз“.

„Го повикуваме Ѓорѓе Иванов веднаш да си поднесе оставка и да не се обидува да лаже и да ја замајува јавноста дека ова го сторил за да помогне во решавање на политичката криза. Во исто време, ги повикуваме сите слободоумни граѓани, поборници за демократијата, првдата и за правната држава, кои не се согласуваат со ваквиот преседан на таканаречниот претседател, уште вечерва да го искажат својот став токму пред неговата резиденција. Ја повикуваме и меѓународната заедница да не стои настрана и да не биде нем сведок на уривањето на државата од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението на ЛДП.