Подглавна секција Лапсусот на Камала Харис злоупотребен за нова теорија на заговор

Лапсусот на Камала Харис злоупотребен за нова теорија на заговор

Станува збор за обичен лапсус, кој на страницата на Белата Куќа е поправен и објавена е исправка. Официјалниот транскрипт на нејзиниот говор, јасно ја покажува исправката

Фото: Chairman of the Joint Chiefs of Staff from Washington D.C, United States, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Старо видео од стар говор на Камала Харис е злоупотребено за да се обвини дека заговара агенда за депопулација. Станува збор за обичен лапсус, кој на страницата на Белата Куќа е поправен и објавена е исправка. Официјалниот транскрипт на нејзиниот говор, јасно ја покажува исправката истакнувајќи дека Харис требало да каже „загадување“ (pollution) наместо популација (population), објави Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

УЖАС… САТАНИСТКА ОД “ДЛАБОКАТА ДРЖАВА”… !!!
@- Камала Харис, потпретседателката на Џо Бајден, во неделата стана главен фаворит за демократската кандидатура за ноемвриските избори, откако американскиот претседател се откажа од неа.
Она во што најмногу се истакна преку нејзината политичка активност беше борбата за абортус без граници (до раѓање) и ограничувањето на верската слобода. Веќе како државен правобранител, таа се истакна по прогонот на про-животните активисти и борбата за укинување на правото на совест, слобода на говор и слобода на вероисповед. … -@
Во склоп на објавата се споделува едно видео на кое ликот на Камала Харис е изменето со помош на вештачка интелигенција. На второто споделено видео се споделува говор на Харис каде таа вели:
Кога вложуваме во чиста енергија и електрични возила и ја намалуваме популацијата, поголем дел од нашите деца може да дишат чист воздух и да пијат чиста вода.

Како што пишуваат бројни сервиси за проверка на факти, гафот на Камала Харис за „намалувањето на популацијата“ во конспиративните кругови се прошири како „несомнен доказ на Кју Анон теоријата на заговор дека светските елити работат на депопулација на планетата“. Камала Харис направи гаф и лапсус во врска со „намалувањето на популацијата“, објаснувајќи што е потребно за американските деца да дишат чист воздух и да пијат чиста вода. Официјалниот транскрипт на нејзиниот говор, јасно ја покажува исправката истакнувајќи дека Харис требало да каже „загадување“ (pollution) наместо популација (population). Овој гаф послужи за разгорување на старите теории на заговор присутни во Кју Анон круговите.

Во официјалниот транскрипт од говорот на Харис, кој е постар и потекнува од 14 јули 2023 година зборот популација (population) е прецртан и заменет со зборот „загадување“ (pollution). Белата Куќа не негира дека Харис го кажала зборот популација, но со самото прецртување во текстот на транскриптот нагласува дека станува збор за ненамерна грешка.

Дури и без официјално појаснување на овој лапсус кој Харис го направи во текот на својот говор, не постои оправдан аргумент според кој би се ширела теорија на заговор за „намалување на човековата популација“ во текот на говорот за климатските промени. Станува збор за едноставна јазична грешка која послужи за потпалување на бројни конспирациски наративи во нашиот регион. Ова се прави дури и една година по говорот на Харис, во екот на предизборието во САД каде Харис е кандидатка за претседателка.

Харис неодамна во интервју за „Морнинг Џо“ рече дека забраната за абортус во државите на САД ги обесправува жените од основна репродуктивна нега и предизвикува здравствена криза.

Во тие клиники коишто имаат доверба во заедницата, може да добиете ПАП тест, скрининг за рак на дојка, скрининг за ХИВ, работи за коишто луѓето сакаат да влезат во болница и да бидат третирани со достоинство и без осуда, за да може да се погрижат за своите здравствени проблеми. Тоа е она што го прават овие клиники. А во држави каде се усвоени забраните за абортус на Трамп, овие клиники се затвораат што значи дека има намалување на многу есенцијална здравствена услуга за многу луѓе. Фундаментално за ова прашање, се работи за слободата. Секоја личност треба да разбере дека ако таква основна слобода и такво основно право да одлучувате самите за своето тело ви се одземе, какви други слободи ќе бидат следно загрозени, рече таа.

Харис не е за „абортус без граници“ и во ниеден нејзин настап го нема изјавено тоа наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека објава е со пропуштен контекст.