Македонија Лани биле склучени 12.672 бракови, бројот на разводи поголем за 9,5 отсто...

Лани биле склучени 12.672 бракови, бројот на разводи поголем за 9,5 отсто во споредба со 2022

Просечната возраст при склучувањето прв брак е 27,5 години за невестата и 30,1 година за младоженецот

Photo by Sandy Millar on Unsplash

Бројот на склучени бракови во 2023 година изнесува 12.672 и е помал за 1,6 отсто во споредба со претходната 2022 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Најмногу бракови – 12,6 отсто, биле склучени во август, а најмалку во март – 5,8 отсто.

Податоците покажуваат дека е најчесто стапувањето во прв брак, односно, во прв брачен однос лани стапиле 93,2 отсто од сите жени и 92,2 отсто од сите мажи што склучиле брак во 2023 година. Мажите почесто стапуваат во втор (7 отсто) и трет брак (0,8 отсто).

Според возраста, минатата година најмногу бракови склучиле лица кои припаѓаат во старосната група од 25 до 29 години, односно 4.228 лица.

Просечната возраст при склучувањето прв брак е 27,5 години за невестата и 30,1 година за младоженецот.

Од друга страна, бројот на разводи во 2023 година бележи зголемување од 9,4 отсто во споредба со податоците од 2022 година – лани се развеле 1.765 бракови.

Најмногу разводи биле регистрирани во декември – вкупно 201, а најмалку во август – вкупно 66.

Според возраста, најголем број разводи се случиле во старосната група од 35 до 39 години. Според траењето на бракот, пак, најмногу разводи (393) се случиле во период од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.