Главна секција Лабораторијата која го мери загадувањето се реконструира, акредитацијата најрано догодина (видео)

Лабораторијата која го мери загадувањето се реконструира, акредитацијата најрано догодина (видео)

Просториите во кои е сместена Централната лабораторија на Министерство за животна средина и просторно планирање, со децении запоставена и неакредитирана за методите на работа со кои располага, до крајот на годинава требаат да бидат реконструирани и адаптирани. Неодамна беше објавен оглас за јавна набавка во вредност од 41 илјада евра за реконструкција и адаптација на просториите во кои е сместена.

Уредувањето се случува кусо откако „Мета.мк“ ја посети и направи репортажа за лабораторијата, сместена во запуштена зграда во кругот на некогашниот индустриски комплекс на скопска Железарница и по повеќемесечното пишување за проблемот со неакредитирањето.

Поради тоа што лабораторијата не е акредитирана, иако постои уште од осумдесетите години на минатиот век, а во составот на Министерството се наоѓа уште од неговото основање во 1995 година, нејзините мерења на разни параметри на загадувањето досега не можеа да се сметаат за цврст доказ посебно во судските постапки против загадувачите и таа досега не беше во функција на инспекцијата за животна средина.

Штом ќе бидат средени просторите каде што е сместена лабораторијата, треба да започне процесот на акредитација ќе биде долготраен и треба да опфати и доопремување на сегашната апаратура и инструменти, а потоа и избор на консултантска куќа која треба да го води процесот на акредитирање на методите за работа. Засега нема конкретна најава од Министерството кога планираат да го почнат процесот на акредитација.

Откако ќе биде акредитирана, лабораторијата на МЖСПП ќе треба да претставува важна алка во синџирот на заштита на животната средина со основна задача на утврдување на постоење на загадувањето и на изворите на штетните емисии во воздухот, водата и почвата, помагајќи им на инспекциите за животна средина во утврдувањето на тоа кој, колку и каде загадува.