Хроника Кумановец осомничен за лихварство и за насилство

Кумановец осомничен за лихварство и за насилство

Кумановската полиција поднела кривична пријава против 64-годишниот А.Ј., жител на градот, кој се товари за лихварство и за насилство.

Како што информираат од полицијата, осомничениот во 2013 година со Д.Р. (65), управител на фирмата „Трик-трак“, склучил договор за заем од 49.500 американски долари, со месечна камата од 1,8 отсто и со неопределен рок на плаќање. Но, според полицијата, во септември истата година, осомничениот се премислил и ја зголемил каматата на 6 отсто, која Д.Р. не можел да ја плаќа. Поради тоа, осомничениот го натерал да склучат договор на нотар за отстапување на половина од куќата.

На почетокот од април годинава, недвижниот имот бил продаден на синот на осомничениот и долгот бил намирен. Но, на почетокот на минатиот месец, А.Ј. повторно дошол во домот на оштетениот, каде почнал расправија, а потоа и физички го нападнал, поради наводно неисплатената камата од 6 отсто, за периодот од јуни 2013 до април 2015 година.