Дописници Кучиња-скитници, проблем во Охрид

Кучиња-скитници, проблем во Охрид

Жител на Охрид претпладнево ни испрати фотографија за движење на опасни кучиња-скитници, снимена пред Основното училиште „Григор Прличев“, a који претходно нападнале неколку ученици, за среќа без последици.

Охриѓани се загрижени да не им се повтори струшкиот случај, кога кучиња-скитници искасапија минувач, нанесувајќи му тешки повреди на нозете. Кучиња во поголеми групи можат да се затекнат на градскиот плоштад, по крајезерскиот кеј и на шеталиштата, што остава грда слика пред граѓаните на Охрид и пред нивните гости.

Граѓаните апелираат до локалната самоуправа да ги преземе мерките за кои е законски задолжена. Меѓу другото, предвидена е казна од 20.000 евра за Општината, а 5.000 евра глоба за градоначалникот кој нема да изгради стационар за кучиња-скитници.

По струшкиот случај, од почетокот на месецов, од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ потсетија дека општините во рамките на својот  буџет и со закон имаат обврска да ги стерилизираат кучињата.

Од Здружението сметаат дека доколку општините немаат капацитети да го третираат проблемот на хуман начин, треба да ополномоштат здружение за заштита на животни и во рамки на општинскиот буџет да покажат и докажат како хумано, ефикасно, економски исплатливо и трајно, се надминува проблемот со бездомните кучиња.

Во струшкиот случај, „Анима мунди“, заедно со здружението од Струга „Анимал ворлд“, доставило до Општина Струга предлог-програма за хумано и ефикасно решавање на проблемот со бездомните кучиња, како и понуда за соработка, но одговор никогаш не добиле.

Информираат дека сакаат да им помогнат на сите општини и дека за тоа имаат соодветен капацитет да спроведат стерилизација на бездомни кучиња и да помогнат во надминување на проблемот.