Македонија Кривичниот суд од 1 јуни воведува едношалтерски систем за потврди и уверенија

Кривичниот суд од 1 јуни воведува едношалтерски систем за потврди и уверенија

Сите уверенија и потврди од казнена и кривична евиденција од 1 јуни ќе се поднесуваат и издаваат на еден шалтер во зградата на Кривичниот суд, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

„Уверенија дека не е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, како и другите уверенија од прекршочната евиденција кои досега се поднесуваа и се издаваа во Одделот за прекршоци на Основниот суд Скопје 1 – Скопје кој се наоѓа во бараките во Градскиот парк, од сега ќе се поднесуваат на шалтер број 14, а ќе се издаваат на шалтер број 15 кои се наоѓаат на влезот од судската зграда, каде воедно се поднесуваат и издаваат Уверенија од казнена и кривична евиденција“, стои во соопштението на судот.

Оттаму велат дека овие промени се воведуваат по барање на граѓаните.

Од судот информираат и дека сите компании, институции и останатите субјекти кои за конкретни потреби бараат од граѓаните да им достават било каква потврда – уверение, кое се издава од Кривичниот суд во Скопје да прецизираат каква потврда – уверение бараат, бидејќи т.н. уверение за неосудуваност подолго време наназат не се издава, а наместо тоа се издаваат уверенија – потврди од кривична или уверенија од казнена евиденција.