Хроника Кривични пријави против две лица за тешки кражби

Кривични пријави против две лица за тешки кражби

СВР Скопје поднесе кривични пријави против Ш.Г. (19) и едно малолетно лице на возраст од 16 години од Скопје, поради основан сомнеж дека Ш.Г. извршил пет кривични дела, од кои едно одземање моторно возило и четири тешки кражби, а второтопријавено лице извршило три тешки кражби.

Од судија на претходна постапка на Ш.Г.  му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.

Како што соопшти МВР, Ш.Г. на 5 јануари годинава, на улицата Скупи, во близина на болницата Бардовци, одзел патничко моторно возило, марка „југо темпо“, а другите три кривични дела ги извршил заедно со малолетното лице во периодот од 28 декември минатата година до 2 февруари на подрачјето на Карпош.

Како што појаснуваат од МВР, двајцата осомничени во празни деловни простории на улицата Црвена армија, со употреба на сила ја отвориле влезната врата, влегле и ги исекле доводната и одводната инсталација, одзеле четири радијатори и го напуштиле местото на настанот.

На 2 февруари Ш.Г. и малолетното лице извршиле тешка кражба во куќа лоцирана на улицата Скупи, каде што ја прескокнале оградата, влегле во дворот и од летната тераса одзеле едно плинско решо и две плински боци.

Во полициската станица Карпош билe извршени разговори со пријавениот Ш.Г. и со малолетното лице во присуство на родител, при што тие ги признале делата и го појасниле начинот на извршување. Дел од украдените предмети со потврда се одземени и вратени на оштетените, се наведува во соопштението на МВР.

Од МВР соопштија дека Ш.Г. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти, кривични дела против половата слобода и половиот морал и кривични дела против општата сигурност на луѓето и на имотот, за што од СВР Скопје од 2013 до 2015 година му биле поднесени 23 кривични пријави.

Малолетното лице, истакнуваат од МВР, исто така е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти и кривични дела против општата сигурност на луѓето и на имотот, за што од СВР Скопје во текот на минатата година му биле поднесени 12 кривични пријави.