Македонија Кривична пријава за насилник што натепал припаднник на ЛГБТ заедницата

Кривична пријава за насилник што натепал припаднник на ЛГБТ заедницата

Фото: Unsplash Cecilie Johnsen

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против 33 годишен скопјанец кој се товари за кривично дело Насилство од Кривичниот законик. Како што појаснуваат во обвинителството, на 29 јуни обвинетиот во група со повеќе други засега неидентификувани лица, извршиле малтретирање, грубо навредување и грубо насилство врз едно лице, а делото било сторено од омраза заради сексуалната ориентација и припадност на оштетениот кон ЛГБТ заедницата.

„На наведениот датум, по завршување на „Парада на гордоста“ во Скопје, оштетениот со уште неколку други лица се враќале од ручек на Матка. Кога тргнале да си одат биле забележани од обвинетиот и другите непознати лица, кои ги препознале и започнале да ги навредуваат и да им се закануваат“, информираат од ОЈО.

Исплашени за нивната безбедност, оштетениот и неговите пријателки се качиле во такси возила и се обиделе да побегнат, но обвинетиот и неговата група со автомобили ги следеле. Такси возилото во кое бил оштетениот било попречено од друг автомобил и било принудено да застане, по што обвинетиот насилно ја отворил предната совозачка врата и физички го нападнал оштетениот, го удрил со бокс и започнал да го тегне за да го извлече од возилото.

„На тој начин обвинетиот му нанел телесни повреди на оштетениот – контузија и раздерно-нагмечна рана, а кај останатите сведоци на настанот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, велат во обвинителството.