Хроника Кривична пријава за џебни кражби извршени во Клиничкиот центар

Кривична пријава за џебни кражби извршени во Клиничкиот центар

Единицата за имотни деликти и малолетничка деликвенција на СВР-Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство со кривична пријава го предаде лицето С.И.М. (53) од бугарскиот град Плевен, поради основано сомневање дека извршила две кривични дела џебна кражба, соопшти МВР.

Судија на претходна постапка ѝ одреди мерка забрана за влез во Република Македонија во времетраење од пет години.
Бугарската државјанка кривичните дела ги извршила минатиот и овој месец на подрачје на општина Центар, односно во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Првото кривично дело го извршила на 17 минатиот месец околу пладне, во чекалната на ЈЗУ Институт за трансфузиологија. Таа го искористила метежот и невниманието на оштетената и со протнување на раката во чантата, која оштетената ја носела во левата рака, успеала да ѝ го украде паричникот со пари, кредитни картички и со други лични документи.

Второто кривично дело го извршила на 12 овој месец околу пладне, на шалтерот во амбулантата за дијабет, на тој начин што искористувајќи го метежот и невниманието на оштетената, која чекала пред шалтерот, со протнување на раката во чантата, успеала да ѝ го украде паричникот со пари и со лични документи.

По втората кражба, пријавената била забележана од полицијата и притоа е лишена од слобода и приведена во просториите на полициската станица Центар, каде е спроведен разговор и расветлено е и првото кривично дело.