Свет Европа Кралицата Елизабета Втора ја посети новата брза линија на лондонското метро именувана...

Кралицата Елизабета Втора ја посети новата брза линија на лондонското метро именувана по неа [видео]

Фото: Официјалната веб страница на кралското семејство The Royal Family

Кралицата Елизабета Втора ја посети новата брза линија на лондонското метро именувана по неа. Таа пристигна облечена во сончево жолта комбинација и како што пренесе јавниот сервис Би-би-си во репортажата за настанот, беше насмеана и во весел дух. Со помош на бастун прошета низ станицата, па дури го провери и автоматот за билети, а разговараше и со машиновозачот и други вработени во метрото.

До последен момент не се знаеше дали кралицата Елизабета Втора ќе може да присуствува на настанот. На станицата на свечениот пречек присуствуваше и британскиот премиер Борис Џонсон и градоначалникот на Лондон, Садик Кан.

Џонсон во изјавата рече дека е „фантастично да се види кралицата во јавноста“ и дека тие се исклучително „трогнати и благодарни на нејзиното височество што присуствуваше на денешното отворање на новата линија“.

Инаку, новата брза линија, именувана Елизабет Лејн, која се очекува да го скрати времетраењето на патувањето низ различни делови од Лондон, доцнеше со изградбата и исто така го надмина првичниот буџет.

Проектот требаше да биде завршен во декември 2018 година и беше утврден буџет од 14,8 милијарди фунти во 2010 година, но вкупните трошоци се проценети на 18,9 милијарди фунти, вклучително и 5,1 милијарди фунти од владата.

Откако на 24 мај официјално ќе биде отворена рутата, возовите во делот во централниот дел на Лондон ќе се движат на секои пет минути, иако целосниот возен ред нема да биде воспоставен до мај 2023 година.

Иако кралицата во последно време имаше здравствени проблеми, таа деновиве присуствува на повеќе настани кои се организирани во рамките на одбележувањето на Платинестиот јубилеј, односно 70 години од нејзиното владеење.