Подглавна секција Крајната десница освои најмногу гласови на парламентарните избори во Австрија

Крајната десница освои најмногу гласови на парламентарните избори во Австрија

Про-руската и анти-муслиманската Партија на слободата освои 29,2 отсто од гласовите, додека владејачката центар-десна Народна партија освои 26,5 отсто од гласовите

Херберт Кикл, лидерот на австриската Партија на слободата | Фото: C.Stadler/Bwag, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Крајнодесничарската, про-руската и анти-муслиманската Партија на слободата (ФПО) освои најмногу гласови на парламентарните избори во Австрија, искористувајќи ја јавната фрустрација околу имиграцијата и трошоците на живот, пренесува Гардијан.

Според речиси целосно обработени резултати од изборите, ФПО освои 29,2 отсто од гласовите, додека владејачката центар-десна Народна партија (ОВП) освои 26,5 отсто од вкупните гласови.

Излезеноста на изборите беше висока – околу 78 отсто од австриските граѓани излегле да гласаат.

Опозициската Социјалдемократска партија го постигна својот најлош резултат досега, со само 21 отсто од гласовите. Либералната партија НЕОС освои околу 9 отсто од гласовите. Иако поплавите предизвикани од бурата Борис во текот на месецот ги истакнаа катастрофалните предизвици на климатските промени, Зелената партија освои само 8,3 од гласовите.

Се чини оти Комунистичката партија и сатирична Партија на пиво нема да ги преминат потребните 4 отсто за да добијат претставник во австрискиот парламент.

ФПО во својата кампања ја искористи популарноста на крајнодесничарски партии во земји како Германија и Франција. Дополнително, стравот околу мигранти беше особено засилен во централноевропската земја откако се откажаа три концерта на Тејлор Свифт во август поради закана за терористички напад. Гардијан дополнува дека фрустрација околу економската стагнација, покачената инфлација и строгите заштитни мерки од времето на пандемијата довеле до тоа ФПО да станува сè попопуларна во последните неколку години.

За време на кампањата, контроверзниот лидер на ФПО Херберт Кикл се нарекуваше себеси „народниот канцелар“, назив кој често се користел за да се опише Адолф Хитлер.

Сепак, бидејќи нема освоено мнозинство од гласовите, ФПО ќе биде принудена да формира коалиција со друга партија. За разлика од некои партии кои јавно имаат кажано дека не би формирале коалиција со ФПО, владејачката ОВП ја нема исклучено таа опција. Но, лидерот на ОВП и сегашен австриски канцелар Карл Нехамер повтори дека не би прифатил сценарио во кое Кикл би станал канцелар.