Дописници Крајбрежјето во Струга е полно со шут и со отпад

Крајбрежјето во Струга е полно со шут и со отпад

Стружани, особено еколозите, реагираат за атакот што се врши врз крајбрежјето од струшкиот дел на Охридско Езеро. Тие викендов организирано го чистеа крајбрежјето од шут и од отпад, но истовремено укажаа на неодговорната и на лошата навика на поединци да ја палат трската крај самиот брег и да фрлаат градежен шут со намера за оградување простор за сопствена плажа, со што се уништува биодиверзитетот и природните живеалишта на птиците и на рибите.

Реагираат и од градскиот музеј во Струга, кој досега неколкупати побарал помош од Министерството за внатрешни работи, Музејот во Охрид и од Министерството за транспорт и врски. Моменталната состојба е критична и сè е во рацете на совеста на граѓаните.

– Оставено е повеќе на совеста на граѓаните, односно на сопствениците на ова земјиште што се наоѓа таму. Не ми е јасно и логично кој може да го пали тоа ако не сопствениците со некоја намена понатаму нешто да преземат или да изградат на тоа место – вели Никола Евров, в.д. директорот на струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“.

Со префрлањето на ингеренциите од страна на Министерството за транспорт и врски на локалната самоуправа, во Струга се создаде општ хаос со крајбрежјето. Од Општината молчат и не сакаат да ги коментираат ваквите појави. Локалната самоуправа или не сака или е немоќна да се справи со овој горчлив проблем.