Главна секција Крај за неограниченото прислушување на УБК, бара Брисел

Крај за неограниченото прислушување на УБК, бара Брисел

Европската комисија го поздрави исходот на денешната лидерска средба, на која шефовите на четирите најголеми партии во Македонија се обврзуваат да го почитуваат договорот од 2 јуни и да ги продолжат разговорите на 29 јуни за наоѓање решение за излез од политичката криза.

Брисел, истовремено, го објави и експертскиот извештај на Рајнхард Прибе, кој му беше предаден на Фатмир Бесими на 17 јуни.

Овој извештај содржи многу сериозни критики за работата на Управата за безбедност и контраразузнавање, која имала директен пристап до комуникациите на граѓаните, без сериозна контрола од институциите ни потреба од судски налог.

Објавен е денеска и долг список препораки до македонските власти и до институциите за справување со системските слабости на државата. Во тие препораки се содржани реформи на судството, изборниот систем, барање за ревидирање или укинување на законот за лустрација, реформа на МРТВ, спроведување на судскиоте одлуки од Судот во Стразбур и многу други.

Извештајот, препораките и договорот од 2 јуни можат да се најдат на веб-страницата на Европската комисија и се достапни на англиски јазик, за сите граѓани.