Македонија Ковачевски: Свесноста за манипулациите со информации и влијанија е поголема од кога...

Ковачевски: Свесноста за манипулациите со информации и влијанија е поголема од кога било

Во следната 2024 година има многу изборни процеси низ Европа и светот, меѓу кои и нашите. Секој сојузник многу добро знае што значи оваа информација и што значат подготовките по ова прашање, вели Ковачевски за „Цивил Медиа“

Фото: Влада на РСМ

Перспективите за борба со дезинформации, односно борбата против странските информациски манипулации и влијанија од кои дезинформациите се само дел, во 2024 се подобри од која било година претходно, вели во интервју за „Цивил Медиа“ премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Ваквиот оптимизам во врска со борбата против дезинформациите, Ковачевски го брани со тоа што Северна Македонија е дел од НАТО Алијансата.

„Тоа значи дека иако хибридните напади можат да го предизвикаат активирањето на член 5, кој се однесува на безбедноста на секоја земја членка и колективно на Алијансата и нејзиниот координиран пристап во одбраната, ние пред сѐ имаме домашна работа која произлегува од членот 3, односно ние имаме обврска кон Алијансата да се јакнеме и да ја градиме отпорноста и кон (помеѓу останатото) хибридните напади“, вели Ковачевски.

Покрај манипулациите со информации и влијанијата, влегуваат и сајбер безбедноста и јакнењето против останатите форми на хибридни активности, вели Ковачевски, додавајќи оти земјава е посветена на исполнувањето на оваа обврска и континуирано презема превентивни и реактивни мерки.

Таа обврска, вели премиерот, не е само национална, туку и регионална каде сме и „фактор на влијание на стабилност“. Тоа значи дека споделуваме алатки, информации и анализи и дека за нас е јасно видливо, и кои се актерите, и кои се хибридните активности со кои се обидуваат да влијаат.

„Дополнително, во следната 2024 година има многу изборни процеси низ Европа и светот, меѓу кои и нашите. Секој сојузник многу добро знае што значи оваа информација и што значат подготовките по ова прашање“, вели Ковачевски за „Цивил Медиа“.

Тој додава дека и ЕУ периодов презема храбри чекори во борбата со странските манипулации, информации и влијанија, а особено кон големите платформи на социјалните мрежи, но и оти смета дека тие исходи ќе бидат истите кои ќе ги применува и нашата држава поради аспирациите кон полноправно членство во унијата.

„Крајно, причина е и свесноста за манипулациите со информациите и влијанијата која е поголема од било кога. Ова се однесува и на нашите граѓани, и меѓу нашите институции, и меѓу различните чинители во општеството, а крајно и меѓу сојузниците во Алијансата. Ова го докажуваат, пред сѐ, повеќе истражувања кои потврдуваат дека мнозинството граѓани не само што ги препознаваат дезинформациите, туку ги препознаваат и изворите и нивното намерно создавање, и ова е на највисоко ниво од кога било претходно. Тоа е огромен исчекор за нашето општество и најважниот чекор во борбата“, вели премиерот Ковачевски.

Во предност во оваа борба, според Ковачевски, нѐ става тоа што во моментов сите релевантни чинители во општеството, точно го знаат проблемот, и го препознаваат пристапот на вклученост на целото општество како клучен во справувањето со предизвиците.

Вклученоста на целото општество е решението и сега и во иднина, смета премиерот.

„Ние, како општество, и тука мислам и на медиумите и на граѓанските организации и на институциите, мораме да бидеме на вистинската страна и здружено да се бориме против дезинформациите односно манипулациите со информации. Состојбата со дезинформациите и глобално, а и на Западен Балкан одамна не дозволува да има неутралност по ова прашање“, вели премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека институциите активно се борат против малициозните организирани групи кои наменски создаваат дезинформации и манипулации и се обидуваат да ги поткопаат демократските процеси во земјата.