Галерија Ковачевски се сретнал со Шолц на прием во чест на 50-годишното членство...

Ковачевски се сретнал со Шолц на прием во чест на 50-годишното членство на Германија во ОН

На приемот е реафирмирано значењето на Германија како одговорен партнер на Организацијата на Обединетите нации и принципиелен бранител на меѓународниот поредок заснован на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право

Фото: Влада на РСМ, 19 септември 2023

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, присуствувал на прием организиран во чест на 50-годишното членство на Германија во Обединетите нации, што се одржа во седиштето на Организацијата во Њујорк. Притоа, Ковачевски и германскиот канцелар Олаф Шолц имале кус разговор, известува Службата за информирање на македонската влада.

„На приемот е реафирмирано значењето на Германија како одговорен партнер на Организацијата на Обединетите нации и принципиелен бранител на меѓународниот поредок заснован на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право. Изминатите децении, обединета Германија презеде зголемена одговорност во Обединетите нации и денес е втор најголем придонесувач во системот на ОН во целина и втор по големина билатерален донатор на хуманитарна помош“, се вели во соопштението

Премиерот Ковачевски му го честитал на германскиот канцелар Шолц јубилејот на 50-годишно членство на Германија во ОН и големиот придонес на државата во целокупниот систем на ОН.

Во кусиот разговор со Шолц, македонскиот премиер се заблагодарил за соработката меѓу двете земји во рамките на ОН, но и на билатерална основа во изминатите 30 години, правејќи ја Германија една од најблиските европски партнери на нашата земја.

На средбата е нагласено дека Германија ја очекува Северна Македонија во ЕУ, посочувајќи на фактот дека евроинтеграциите и европскиот пат се најдобрата и единствена алтернатива за земјата.

„Државничката одлука која треба да се донесе во периодот што претстои, е единствена шанса да се осигура квалитет на живот на македонските граѓани според европските стандарди и постигнување членство во ЕУ до 2030 година. Во спротивно, како што е оценето, македонските граѓани и државата е извесно дека ќе соочат со изолација на долг рок, што не од интерес ниту на Северна Македонија, ниту на регионот и Европа“, се вели во владиното соопштение.

Премиерот Ковачевски на приемот имал неформални разговори со повеќе светски лидери, во коишто „е нагласен и примерот на ефективна дипломатија што го дава Република Северна Македонија, којашто годинава одбележа 30-годишно членство во ОН и којашто од земја корисничка на мировни мисии, денес е држава домаќин на меѓународни преговори за решавање прашања од интерес за стабилноста на Западен Балкан, ЕУ и во светот“, соопшти македонската влада.