Македонија Ковачевски: Име и презиме и санкции за сите инволвирани во случајот Онкологија

Ковачевски: Име и презиме и санкции за сите инволвирани во случајот Онкологија

Премиерот Димитар Ковачевски денеска даде поддршка на Министерството за внатрешни работи и Јавното Обвинителство во расчистувањето на случајот со крадени скапи лекарства на Клиниката за онкологија

Фото: Влада на РСМ, 15 ноември 2022

Премиерот Димитар Ковачевски денеска даде поддршка на Министерството за внатрешни работи и Јавното Обвинителство во расчистувањето на случајот со крадени скапи лекарства на Клиниката за онкологија. Ковачевски посочи дека се работи за наводи што се грозни и што не смеат да се случуваат, но за кои што сме слушале во текот на изминатите 20 години.

„Ова е првпат да биде спроведена една ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Би сакал да повикам да не се прави сензационализација и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, бидејќи најголемиот број од медицинскиот персонал се извонредни луѓе, што се грижат за здравјето на нашето население“, рече Ковачевски.

Посочи дека ќе нема заштита за било кој што е инволвиран и нагласи дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен. Доколку за некоја друга клиника има слични наводи, ќе се постапува исто.

„Секој друг навод, што ќе биде достапен до јавноста за која било клиника, ќе биде третиран и санкциониран на овој начин од страна на релевантните институции. Одговорноста има име и презиме и врз основа на докази ќе бидат санкционирани оние кои ќе бидат идентификувани дека го прекршиле законот, дека ги прекршиле и етичките и моралните норми за извршување на здравствената дејност“, порача Ковачевски.