Свет Европа Коцијанчиќ по прес-конференцијата на Заев: ЕУ е загрижена за случувањата во Македонија

Коцијанчиќ по прес-конференцијата на Заев: ЕУ е загрижена за случувањата во Македонија

Европска Унија преку Маја Коцијанчиќ, портпаролката на Федерика Могерини, шефица на европската дипломатија, даде кус коментар за прес-конференцијата на опозицискиот СДСМ, на која лидерот Зоран Заев обелодени дека власта преку своите служби прислушувала повеќе од 20.000 граѓани и приложи аудиоснимки како доказ.

За Европска Унија најважното во моментов е да се почитуваат демократските и правните стандарди. Брисел е загрижен за случувањата во Македонија, вели Маја Коцијанчиќ.

– Веќе ја изразивме нашата растечка загриженост за настаните во земјата, справувањето со оваа тема и влијанието што ова го има врз политичката клима во државата. Инсистираме да се почитува фундаменталниот принцип на слобода на изразување. А што се однесува до истрагата – транспарентноста, непристрасноста, фер судењето и почитувањето на презумцијата на невиност во согласност со европските стандарди, мораат да бидат обезбедени за да има доверба од јавноста во процесот. Крајно време е политичките актери да покажат одговорност и да влезат во конструктивен дијалог и да го вратат фокус на стратегиските приоритети на државата и на граѓаните – вели Коцијанчиќ.

Т.М.