Македонија Косовската претседателка Османи на пуштањето во употреба на улицата „Ибрахим Ругова“ во...

Косовската претседателка Османи на пуштањето во употреба на улицата „Ибрахим Ругова“ во Чаир

Османи рече дека таблата со името на Ругова не е само патоказ за улицата, туку и за неговото дело

фото: Општина Чаир

Улицата во Општина Чаир која го носи името на некогашниот косовски претседател Ибрахим Ругова, денеска беше свечено пуштена во употреба. На инаугурацијата на улицата учествуваа актуелната претседателка на Косово, Вјоса Османи – Садриу, како и ќерката на Ругова, Теута Ругова.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу во својот говор потсети дека оваа улица се наоѓа во една од најстарите населби, во близина на Скопското кале.

„Денес го олицетворуваме историскиот претседател на Република Косово, доктор Ибрахим Ругова, именувајќи една од улиците на главниот град на нашата земја по него. Во Скопје, каде често доаѓаше и наоѓаше гостопримство во овдешните семејства. Ибрахим Ругова, токму ова име ќе стои во личните документи на стотици граѓани на општина Чаир“, истакна Ганиу.

Косовската претседателка рече дека таблата со името на Ругова не е само патоказ за улицата, туку и за неговото дело.

По инаугурацијата на улицата „Ибрахим Ругова“,претседателката на Косово, Османи ја посети и Старата скопска чаршија каде се сретна со локалните еснафи, додека заедно со градоначалникот Ганиу положија цвеќе кај споменикот на Скендербег и на Хасан Приштина.