Дописници Корнелија Давчева избрана за претседател на Апелациониот суд – Штип

Корнелија Давчева избрана за претседател на Апелациониот суд – Штип

Фото: Архива на Мета.мк

На една година пред пензија, судијката Корнелија Давчева беше избрана за претседател на Апелациониот суд во Штип, на седница на Судскиот совет. Давчева доаѓа на местото на струмичанецот Наќе Ѓеоргиев, кој од штипска Апелација во февруари годинава напредуваше во Врховниот суд.

Новоизбраната претседателка има триесетгодишен стаж во судовите во Штип. Кариерата ја почнала во Основниот суд за здружен труд, потоа во 1990 година е избрана за судија во Основниот суд – Штип, а во 1996 година, кога е основан Аплециониот суд, е унапредена во апелациска судијка. Од тогаш до денес, работи на кривични предмети.

Судскиот совет вчера избра и нов претседател и во гостиварска Апелација, каде е именуван судијата Беким Мехмеди, додека Мирослав Георгиевски со одлука на Судскиот совет, стана судија на Основен суд Кратово.

Судскиот совет направи избор на судии поротници на Основен граѓански суд Скопје, Основен суд Велес и Основен суд Штип.