Дописници Коритото на Лакавичка Река со години не било чистено

Коритото на Лакавичка Река со години не било чистено

По последните поплави во лакавичкиот регион, исплива на површина фактот дека коритото на Лакавичка Река не било прочистено со години. Всушност, коритото е „жртва“ на законот, според кој, Министерството за заштита на животната средина издало наредба за стопирање на чистење на коритото.

Директорот на Инспекторатот за животна средина, Фирус Мемед, во изјава за „ТВ Ирис“, потврди дека чистењето е стопирано. Според Мемед, во согласност со законот за води, треба да се разликува што е чистење, а што регулирање на речното корито.

– Доколку песокот, каменот и чакалот се оставаат покрај корито, во тој случај имаме чистење, но доколку истиот материјал се носи за употреба, во тој случај имаме регулирање и уредување на коритото и на Општината ѝ е потребна проектна документација, која треба да ја достави до Министерството за животна средина, по што Општината добива дозвола за регулирање и за уредување на корито. Во случајот со Штип, немаше проектна документација и затоа ги стопиравме – вели Мемед.

Стопирањето е направено за да се запре незаконската експлоатација на песокот од коритото. Меѓутоа, ова создаде проблем со последните поплави. Во лакавичкиот крај беа поплавени домови и посеви, а фармата „Нисеви“ е отсечена од светот. На сопственикот Бранко Нисев му останале уште 20 тони храна, што во меѓувреме треба да прехрани 400 свињи и 12 крави. Тој и уште тројца сточари со помали фарми, бараат помош за оспособување на мостот што го однела реката.

Надлежните им одговориле дека не можат ништо додека не се намали водостојот на реката. Засега сточарите немаат решение како да ја дислоцираат стоката, на која ѝ се заканува глад и изумирање.