Дописници Концерт на Ана Гацева и на Татјана Џорлева во Штип

Концерт на Ана Гацева и на Татјана Џорлева во Штип

Концерт четирирачно дуо на пијано

Вечерва во 19 часот, во Музичката академија во Штип, концерт ќе одржат пијанистките Татјана Џорлева, професор по пијано на штипската Музичката академија, и Ана Гацева, професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. На концертот ќе бидат изведени композиции од Антонин Дворжак и од Жорж Бизе.

Овој концерт е дел од нивната концертна турнеја во повеќе градови низ земјава, а завршниот концерт ќе се одржи на 24 ноември во концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Вонредниот професор д-р Ана Гацева дипломирала пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Стела Слејанска, како најдобар студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Вонредниот професор д-р Татјана Џорлева е пијанистка од Македонија која има широка концертна дејност во својата земја и надвор од неа. Научно-истражувачката дејност на докторатот ја работела под менторство на професор Димитрие Бужаровски.