На средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, која се случи во рамките на Конгресот на Европската народната партија (ЕПП) во Загреб, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето на Борисов за ставот во однос на евроатланските интеграции, ја даде следната изјава „Вистиономер.мк“ ја оцени како спин:
Тука не треба да има дилеми. Јас сум човек кој бил стипендист на италијанската влада, сум поминал таму магистратура и докторат во Германија, стипендист на германската влада. Тимчо е исто образуван во САД, Влатко е женет за Американка, американски зет. Александар не е, ама долго време бил во Стразбур, во Совет на Европа, така да не треба да имате дилема по тоа прашање
[Извори: Сакам да кажам , Либертас (видео) ; 21.11.2019]
Контраспин: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ја спинува вистината кога вели дека за него и неговата партија членството во Европската Унија е стратешка определба, а како прв аргумент за таквата ориентација, според него, е тоа што тој бил стипендист на италијанската и германската влада, меѓународниот партиски секретар Тимчо Муцунски се школувал во Америка, што Александар Николоски бил долго Стразбур, а Влатко Ѓорчев, пак, бил женет со Американка! Оваа изјава може да се слушне од видеото кое бугарскиот премиер и претседател на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов го објави на својот фејсбук-профил.
Каква врска имаат овие работи? Школувањето „на запад“ не може да биде доказ дека некоја политичка структура е проевропски ориентирана и искрено од срце работи да ја однесе земјата во ЕУ и НАТО. Нивното споредување, или доведување во некаква релација која би се посочила како гаранција дека водството на ВМРО-ДПМНЕ е за ЕУ, делува дури смешно. Еве на пример, унгарскиот премиер Виктор Орбан бил стипендист на Џорџ Сорос, што укажува дека тоа не е доказ дека понатаму низ животниот и професионален век ќе се делат вредностите на таквата филозофија.
Впрочем, толкму Орбан „ѝ откажа гостопримство“ на Фондацијата на Сорос во Унгарија.
Инаку, најсмешен во низата од „докази“ на Мицкоски, е тоа што некој од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ има жена Американка! Па каква врска има овој податок со членството во ЕУ, навистина е нејасно.
Целиот текст можете да го прочитате на овој линк.