Македонија Контраспин: Одговорноста за Охрид е на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ во последните...

Контраспин: Одговорноста за Охрид е на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ во последните 20-ина години

Најмалку од одлуката за вадење на камените плочници на Охридската чаршија и нивна замена со поубавиот бекатон во 2003 година, па се до неодaмнешното премиерско охрабрување за легализација на дивоградбата – хотел во Лагадин, долга е листата и на имиња на одговорни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, како и на одлуки за чинење или нечинење за заштита на наследството, што нè доведе до предлогот да се најдеме на срамната листа на УНЕСКО – загрозено наследство, пишува Теофил Блажевски во „Вистиномер.мк“

Со појавувањето во јавноста на драфт одлуката на УНЕСКО за ставањето на Охридскиот регион во листата на загрозени природно-културни наследства во светот, се појавија експресно и две реакции од главните македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во кои детектиравме спинови:

Спин 1:  СДСМ го уништи Охрид и му го загрози статусот на заштитено подрачје на УНЕСКО

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – соопштение, датум: 22.05.2019]

Спин 2: Криминалната ВМРО-ДПМНЕ со години го загрозуваше Охридскиот регион, сега сите институции постапуваат по препораките на УНЕСКО

[ Извор: СДСМ/веб страница – соопштение, датум: 21.05.2019]

Контраспин: УНЕСКО, светската организација за наука, но и грижа и заштита на природните и културните реткости, предлага одлука со која статусот на Охридскиот регион од заштитено природно и културно наследство во светот ќе премине во загрозено.

Оваа намера на УНЕСКО во јавноста (медиуми+социјални мрежи) е дочекана со голема индигнација и негативни реакции, а од двете македонски партии стигнаа главно обвинувања, со која вината се префрла на другиот. Доколку се погледнат хронолошки работите наназад и доколку со внимание се прочитаат документите на УНЕСКО, ќе се согледа дека се спинува на големо околу еден непобитен факт: за ваквата лоша состојба со чувањето на природното и културното наследство се виновни сите – не исклучувајќи ги и граѓаните, но најмногу оние што ја практицираа централната и локалната власт во последните дваесетина години. Тоа значи главните македонски партии на власт, а од албанските главно ДУИ, која од 2005 година со прекин од еден мандат, континуирано управува со Струга, составен дел од Охридскиот регион што е под заштита на УНЕСКО.

Целата анализа на „Вистиномер.мк“ е на овој линк.