Свет Балкан Конституиран Советот на општина Пустец, раководен од МАЕИ

Конституиран Советот на општина Пустец, раководен од МАЕИ

Во Пустец, на конститутивна седница, и официјално е потврден составот на Советот на Општината, кој брои 15 членови, од кои 12 се претставници на победничката коалиција на последните локални избори, предводена од партијата на Македонците – МАЕИ.

Советот го верификува мандатот на петнаесетте советници, пред кои заклетва за совесно и одговорно работење даде градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, кој и досега, во два мандати, ја вршеше таа функција.

Со верификацијата на мандатот и со полагањето заклетва почнува да тече четиригодишниот мандат на советниците и на градоначалникот до 2019 година.

За претседател на Советот е избрана Ирена Василевски, а за преставник на Општина Пустец во Округот Корча избран е Васил Стерјовски. И двајцата се советници на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

На конститутивната седница присуствуваа и префектот на Корча, Ардит Кономи, пратенците во албанскиот парламент, Илир Пендавињи од Социјалистичка партија и Пиро Капурани од Социјалистичкото движење за интеграција.