Македонија Комисиската седница за Изборниот законик е откажана, се чека преводот на 5.899...

Комисиската седница за Изборниот законик е откажана, се чека преводот на 5.899 амандмани

Седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која требаше да почне амандманската расправа за предлог-измените на Изборниот законик кои предвидуваат една изборна единица и отворени листи е откажана.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски, во Собранието изјави дека амандманската расправа не може да почне, бидејќи не се преведени сите амандмани поднесени на предлог-законот.

Тој информираше дека досега се преведени и ставени во електронскиот систем 3.734 амандмани од вкупно поднесените 5.899. Кирацовски нагласи дека ќе ги чека службите до крајот на следната недела, па ќе закаже седница за да може да почне амандманската расправа во Комисијата за политички систем.

Во меѓувреме кажа дека на 25 декември ќе закаже јавна расправа за менување на Изборниот законик со цел, како што кажа, да се презентираат аргументите и да се разубедат они што се против.

Кирацовски оцени дека целта на подносителите на илјадниците амандмани е да го блокираат целиот процес и ги повика да се премислат и да ги повлечат.