Главна секција Кој ќе го пречека Хан, Груевски или новиот премиер?

Кој ќе го пречека Хан, Груевски или новиот премиер?

Европската комисија потврди дека еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, месецов ќе дојде во Скопје. Иако нема прецизен датум кога би се случило тоа, сепак медиумите информираат дека најверојатни датуми се 14 или 15 јануари.

Нејасно е кој ќе го пречека Хан во Скопје – Никола Груевски – премиер, или Никола Груевски – лидер на ВМРО-ДПМНЕ ако се остварат прогнозите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека премиерот ќе си поднесе оставка на 10 јануари.

И самиот Груевски соопшти дека ќе поднесе оставка пред 15 јануари.

– Во согласност со договореното, на 15 јануари ќе се избира нова влада со претседател на владата за спроведување избори. Претходно, секако, ќе дадам оставка – изјави Груевски.

Во Договорот од Пржино точно е предвидено дека премиерот ќе се повлече од функцијата 100 дена пред парламентарните избори, кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, а новата влада треба да биде инаугурирана на 15 јануари.

Груевски, ако се почитуваа роковите предвидени со закон и се запазеа сите датуми, „мораше“ оставка да даде на 15 декември.

Еве како требаше да оди повлекувањето на Груевски ако докрај се исцрпуваат сите рокови и презицно се испочитува Договорот од Пржино:

  • Груевски треба да поднесе оставка;
  • Претседателот Ѓорге Иванов дава нов мандат со рок до 10 дена;
  • Мандатарот има најмногу 20 дека кога треба да ја предложи новата влада до Собранието.

Ова е ако се запазат сите максимални законски рокови. Ако, пак, роковите се скусат максимално, како што најверојатно и ќе се случи, оставката може Груевски да ја поднесе и последниот ден – на 14 јануари.

Во тој случај, за само еден ден претседателот на државата би ѝ го доделил мандатот на ВМРО-ДПМНЕ и истиот ден новата влада би била предложена, а предлогот би бил доставен во Собранието за гласање.