Македонија Кочани ќе го обновува Споменикот на слободата со помош на САД

Кочани ќе го обновува Споменикот на слободата со помош на САД

Фото: U.S. Embassy North Macedonia

Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз за време на посетата на Кочани викендов најави грант од 254.300 американски долари преку Фондот на Амбасадори за зачувување на културата (ФФЦП), за обновување и зачувување на Споменикот на слободата.

Амбасадорката Брнз истакна дека проектот е вистинско партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и локалната самоуправа во Кочани, при што двете страни поддржуваат различни аспекти на зачувување и одржување на споменикот, кој претставува сеќавање на историските борби на македонскиот народ од Илинденското востание до настаните од Втората светска војна.

Од 2001 година, информираат од Амбасадата на САД, се работи со бројни локални партнери за зачувување на македонското културно наследство, а вложени се 1,8 милиони долари.

„Овој споменик, кој се нарекува и Тврдина или Храм на слободата од авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ, за поновата македонска уметност е од огромно значење, зашто по својата уметничка вредност во времето во кое е создаден им пркосел на тогашните европски норми за меморијална и монументална форма, и важи за еден исчекор кон освојување на архитектонско-уметничката слобода во светски рамки“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа информира дека мозаичниот приказ на академик Чемерски, со грантот од Амбасадорскиот фонд на САД, ќе биде обновен, реставриран, реконструиран за повторно да стане вистински репрезент на традицијата, сегашноста и иднината што се вткаени во неговата безвремена идеја и изведба.

Споменикот е граден во периодот 1975-1977, а целосно е завршен и пуштен во употреба во 1981 година. Тоа e најголемиот мозаичен монумент на Балканот, а конзервација на дел од мозаичните фризови последен пат е направена пред дваесеттина години.