Македонија Кочан во прединфарктна состојба бил примен на Клиниката за кардиологија

Кочан во прединфарктна состојба бил примен на Клиниката за кардиологија

Бизнисменот Сеад Кочан, кој два месеци беше во бегство, вчера бил примен на Клиниката за кардиологија во Скопје со влошена здравствена состојба, објавија денеска дел од медиумите.

Како што пишува порталот „Призма“, повикувајќи за извори од Клиниката за кардиологија, Кочан бил примен во прединфарктна состојба и денеска му бил вграден стент.

Засега нема официјална потврда на информацијата дека Кочан, кој е првоосомничен во случајот „Труст“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство, се наоѓа во земјава и дека е хоспитализиран на Клиниката за кардиологија. На овие прашања не одговара ниту неговиот адвокат Никола Додевски.

Инаку, според медиумите, Кочан во земјава се вратил еден ден откако Врховниот суд, постапувајќи по барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство, донесе пресуда со која ги укина одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје, со кои на бизнисменот му беше одредена мерка притвор и по него беше распишана потерница и го врати предметот на повторно одлучување во Кривичниот суд.

Сега, за барањето за притвор на Кочан треба повторно да одлучува Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, овојпат во состав Моника Бахчовановска, Сафија Лаличиќ и Љубинка Башевска.

Кочан беше во бегство од 9 март оваа година, истиот ден кога Кривичниот совет на судот, тогаш во состав Гордана Спировска, Марјан Грубиша и Славица Наумов-Јосифовски, му одреди притвор. Подоцна и Апелацискиот суд Скопје 1 ја потврди ваквата одлука.