Македонија Кликнувањата ја уриваат веб-апликацијата на ДИК за проверка на избирачкиот список

Кликнувањата ја уриваат веб-апликацијата на ДИК за проверка на избирачкиот список

Веќе неколку часа пристапот до апликацијата за проверка на избирачкиот список на веб-страницата на Државната изборна комисија е отежнат или невозможен. Честите кликнувања на граѓаните за да го проверат избирачкиот список ја блокираат работата на веб-апликацијата.

Проверка на списокот тешко може да се направи на кој и да е од трите можни начини, преку адреса, матичен број или, пак, име и презиме.

Секој обид често завршува со пораката „This webpage is not available ERR_CONNECTION_TIMED_OUT“.

Апликацијата што ја лансираше ДИК за граѓаните да можат да го проверуваат списокот предизвика огромен интерес, но укажа и на бројни недостатоци, нелогичности и на контоверзии – десетици граѓани на иста адреса, непостоечки адреси, починати гласачи, двојни адреси и слично.

Апликацијата од денот на лансирањето стана редовна алатка, а за некои и забава, со која се проверуваа личните, но и податоците на блиските, познатите, пријателите или јавните личности и нивните адреси, па граѓаните често поминуваат и по неколку часа во пребарување.